fbpx

Во ноември избори, а во август проверка дали се исполнети условите и договореното

-

Избори во ноември, но со претходна проверка во август дали се исполнети условите и сите забелешки од преговорите  – е можно решение, дознава „Мета“ од преговарачките тимови на политичките партии.  По денешните неколкучасовни преговори помеѓу Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ,  Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА, постои извесен оптимизам кај сите учесници во разговорите.

Според нашите извори, постигнат е и благ напредок околу избирачкиот список и реформите во медиумите.

Повторно во игра е, велат нашите извори, опцијата оние 40.000 граѓани кои не беа најдени на посочените адреси при теренската проверка, сами да се пријават во Државната изборна комисија (ДИК). Доколку во одреден рок не го сторат тоа, тие би биле избришани од избирачкиот список.

Во разговорите за реформите во медиумите, исто така, има мал напредок, со дебата околу нови предлози.

Како што се дознава, на маса е и предлог за формирање специјалното судско одделение и специјален оддел во МВР за потребите на Специјалното јавно обвинителство.

Заменик помошникот државен секретар за Евроазија и за Европа при американскиот Стејт департмент, Викторија Нуланд, денеска, по посетата на Македонија, соопшти дека заминува охрабрена со надеж во следните денови да се постигне договор за спорните прашања.

– Се сретнав со четворицата политички лидери и морам да кажам дека заминувам од Скопје охрабрена дека во следните денови преговарачките тимови ќе се согласат со идеите што во моментов се наоѓаат на маса и ќе тргнат по пат кој ќе води кон избори. За тоа ќе биде потребна политичка волја на сите страни. Почувствував дека постои волја – рече Нуланд.

Втората цел, како што рече таа, било да се даде поддршка за зајакнување на правдата и на владеењето на правото во Македонија.

– Денеска разговарав со одредени граѓански активисти и новинари и ги охрабрив да продолжат со работата што ја вршат. Утринава, исто така, имав можност да се сретнам со госпоѓа Јанева и со нејзиниот тим. Нејзината работа е витално важна за носење на вистинското владеење на правото, одговорност и чист правен систем на оваа земја, нешто што е есенцијално ако Македонија сака да ги постигне своите евроатлантски аспирации – рече Нуланд, додавајќи дека САД веќе долго време ги поддржуваат напорите на Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО.

Преговорите на политичките партии продолжуваат утре во 14 часот во резиденцијата на Европската Унија во Пржино.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...