Во Македонија перцепцијата за корупција е висока, ама ретко се гони


       
Скопје, 30 март, 2018 - 16:17 (META) 

Граѓаните на Македонија сметаат дека живеат во една од најкорумпираните држави во Европа.

И покрај тоа, податоците покажуваат дека кога станува збор за активна борба против ова општествено зло, напорите на органите на прогонот се незначителни.

Споредено со трендовите во борбата со корупцијата во земјите од регионот, резултатите во Македонија се поразителни.

data-viz-korupcija-MK1

Ако се споредат, на пример, позициите на Македонија и Албанија на Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал“ во последните 5 години, точно се забележува овој тренд. Во Македонија има драстично зголемување на перцепцијата за нивото на корупција, додека во Албанија има намалување. Од 2012 до 2017 година, Македонија паѓа од 69 на 107 место на листата, што е пад 38 места. Албанија, пак, во истиот период, се качува за 22 места. „Транспаренси интернешнал“ го објавува Индексот за перцепција на корупцијата еднаш годишно, од 1995 година наваму.

data-viz-korupcija-MK2

https://www.facebook.com/dataunitmk/

При споредба на податоците за институционалната борба со корупцијата, Македонија е исто така на пониско ниво во однос на западниот сосед. Така на пример, бројот на  случаи за примање поткуп, според податоците што ги објави Министерството за внатрешни работи, изнесува во просек 10 случаи годишно во последните седум години. За истиот период во Албанија, според годишните извештаи на албанското Јавно обвинителство, се откриени во просек по 68 случаи на примање поткуп од страна на јавни функционери.

Според податоците на македонското МВР за минатата година, бројката на откриени случаи на примање поткуп во 2017 година изнесува само 2.

Објавените визуелизации се дел од проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владaта на САД.