Во Кривичeн суд Скопје денеска судења за „Монструм“ и „Траекторија“.


       
Скопје, 23 мај, 2018 - 10:04 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје ќе се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Монструм“ и „Траекторија“.

На рочиштето за „Монструм“ исказ  треба да дадатт двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кои се изјаснија дека не се виновни за монструозното убиство.

Овој случај е на повторно судење, кое почна на 16 мај, откако првичните пресуди против обвинетите беа укинати во декември минатата година од Врховниот суд, а сега обвинението го застапува СЈО.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во Судот денеска ќе се одржи рочиште и за случајот „Траекторија“, кој се обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Груевски денеска во истиот суд треба да ја чуе пресудата во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.