!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во годишниот распоред на Рибарев имало место само за желбите на некои судии


       
Скопје, 29 март, 2017 - 13:06 (META) 

Новиот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, вчера на судиите им го доставил годишниот распоред за работа за 2017 година, соопштија денеска од судот.

При подготвувањето на распоредот, како што стои во соопштението на судот, предвид биле земени мислењата на судиите, од седницата што тие ја одржаа со Рибарев, кон средината на овој месец, кратко по неговиот избор за в.д. претседател на судот, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

„Некои од желбите на судиите имаше можност да бидат уважени, а за некои ќе се создаде можност во текот на годината. При подготвувањето на распоредот се имаше предвид состојбата со движењето на предметите од сите области, заостатокот во одредени области и потребата од итност во постапувањето по некои видови предмети утврдена со законските рокови. Исто така, се имаше предвид и оптовареноста на секој судија поединечно со предмети, како и досегашните забелешки и мислења од повисоките судски инстанци во врска со работата на судот“, се вели во соопштението.

Распоредот, во писмена форма, бил доставен до секој судија, кој може да достави приговор за неговото распоредување до Врховниот суд.

Од судот додаваат дека во моментот се применува досегашниот распоред на работа и закажаните судења се одвиваат според тој распоред, а новиот распоред ќе се применува кога ќе стапи на сила.

Дел од медиумите вчера објавија дека и во годишниот распоред што го донел Рибарев, имало контроверзии, како во оној што пред еден месец го донесе неговата претходничка на функцијата, в.д. претседателката Татјана Михајлова. Како што објави „Телма“, годишниот распоред на Рибарев бил спорен бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж биле унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе нов годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот и во други оддели во судот. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.