Во Драмски театар денеска комеморација за Ванчо Петрушевски


       
Скопје, 27 август, 2018 - 9:55 (META) 

Комеморација за актерот Ванчо Петрушевски, кој завчера загина од струен удар во скопското село Орешани, ќе се одржи денеска во 10 часот во Драмскиот театар Скопје.

Според извештајот од полицијата, Петрушевски станал жртва на струен удар додека качен на метална скала работел со електричен заварувач на пластични цевки во неговата викендичка.

„Џинот од македонската актерска сцена својата кариера ја помина токму во Драмски театар уште од 1975 година и остави безброј актерски остварувања“, порача Драмски театар Скопје, наведувајќи ја неговата биографија.

Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Дипломирал на Отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1975 година. Оттогаш како актер работи во Драмскиот театар во Скопје се до неговото пензионирање во 2017 година.

„Со успех настапувал во повеќе улоги во претстави од домашни и странски автори и секојпат покажува духовити поединости кои им даваат на неговите ликови карактеристични движења и гримаси. Неговата актерска игра се одликува со ненаметливост и спонтаност во изразот како виртуозно обликување на комични и трагични ефекти со што ги плени театарските гледачи, со што тие стануваат негови обожаватели. Со мангупска комика, непрекинато концентриран, играта успева да ја префрли преку рампата до гледалиштето, со што Ванчо Петрушевски го вбројуваме во редот на исклучителни актери“, се нагласува во соопштението од Драмски театар.

Ванчо Петрушевски беше активен на повеќе полиња и надвор од театарот, како водител на кулинарско шоу, снимаше филмови, а негова пасија беше и сликарството. Тој е еден од творците на серијата Македонски народни приказни. Многу генерации го препознаваат по ликот на Рамче од радиоемисијата „Хихирику“.

На сцената на Драмскиот театар настапувал во повеќе претстави меѓу кои се: Ослободувањето на Скопје, Солунски патрдии, Панургиј, Чудото на свети Ѓорѓија, Сомнително лице, Мачорот Мики Траси и Џингин Кан, Полнета птица, Дупло дно, Коприварник, Ноќ спроти Водици, Собирен центар, Чија си, Женски оркестар, Грев или Шприцер, Харем, Маратонците го трчаат почесниот круг, Зоолошка приказна, Сега му е мајката, Вујко Вања, Словенскиот ковчег, Платонов, Земјомерот, Сонот на летната ноќ, Тетовирани души,  Марисол, Хамлет од Долно Гаштани, Македонски рулет, Лебедова песна,  Баал, Живот во тесни чевли, Буре барут, Атена со пенис.

Ванчо Петрушевски настапувал на сцените на Македонскиот народен театар и во театрите во Штип и Велес…

Добитник е наградите „Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 година за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 год.).

Во 1987 година, Ванчо Петрушевски го доби признанието за најпопуларно ТВ лице на годината според гласовите на читателите на весникот „Вечер“, а во 1988 година, според анкетата на ревијата „Екран“ е добитник на наградата „Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата.