fbpx

Во 107 држави породилното го покрива државата, а во 30 работодавците

-

Во 107 држави во светот надоместокот за породилното отсуство на трудниците и на мајките го плаќа државата, во 45 тоа го прават работодавците, додека во 30 држави трошоците се поделени меѓу државата и работодавците. Во Словенија, примерот по кој најверојатно ќе се спроведува проектот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија „Побрза исплата на надоместоците“, мајките имаат право на 105 дена породилно отсуство, од кои две недели се задолжителни. На породилно отсуство мајката може да замине 28 дена пред рокот, но ако не го искористи тој период, не може да го надомести откако ќе се породи. Надоместогот го плаќаат и работодавците и државата.

Во САД, породилното не е регулирано на федерално ниво, туку е оставено секоја сојузна држава посебно да одлучи како ќе го третира. Нема закони кои ја поддржуваат жената во однос на задржување на работа, а фирмите се оставени сами да одлучат дали ќе дозволат отсуство, најмногу 12 недели. Породилното отсуство во САД е неплатено.

Во Англија платите и придонесите за трудничкото боледување ги плаќа државата, а жените можат да имаат цела година трудничко боледување, од кои само 39 недели е платено. Првите шест недели се исплаќа 90 отсто од просечната неделна плата, а останатите 33 недели се исплаќаат или 136 фунти, речиси 3.000 денари, или, пак, 90 отсто од просечната неделна плата, оној износ што е помал.

Во Шведска родителите имаат право на 480 дена породилно отсуство од кои два месеца се резервирани за таткото, а парите ги исплаќа социјалното осигурување.

Жените во Канада имаат право на 17 недели породилно отсуство, а социјалното ги покрива трошоците.

Во Германија, најголемата светска економиија, мајката има право на 14 недели платено трудничко боледување, а надоместокот го исплаќаат работодавците и државата заедно.

Маја Паранџиева-Змејкова, директорка на ФЗОМ денеска изјави дека нивниот мотив со проектот „Побрза исплата на надоместоците“ бил подобрување на правата на осигурениците и дека идејата за работодавците да ги исплаќаат надоместоците за боледување и за породилно отсуство била на осигурениците. Таа додава дека во владината програма Фондот има зацртано двегодишен проект за побрза исплата на надоместоците.

– Проектот треба да почне во 2016 година, а во изминатите два месеци е направена компаративна анализа за исплатите на надоместоците во соседните земји и за државите членки на Европската Унија. Засега се разгледуваат три модели кои би можеле да ги имплементираме. Едниот е словенечкиот модел, другиот е словенечкиот модел модифициран за нашите состојби, а третиот е административно и законско решение со кое не се менува системот, туку се забрзува исплатата – изјави Змејкова.

Таа најави дека од наредната година, поднесок за надомест на плата, освен фирмата во која е вработена жената, ќе може да отвори и нејзиниот матичен гинеколог или болницата каде таа се породила, а со тоа ќе се забрзале процедурите и ФЗОМ ќе може побрзо да им ги исплаќа парите на фирмите.

Работодавците со недоверба гледаат на овој предлог на ФЗОМ и бараат, ако се прифати вакво законско решени, Фондот да се обврзе дека ќе им плаќа затезна камата за доцнење. Против овој проект се и невладините организации за заштита од дискриминација затоа што велат дека овој проект ќе придонесе за помалку да се вработуваат млади жени.

Сличен став има и Меѓународната организација на трудот, од каде велат дека ако се стави трошокот за плата на трудниците на грбот на компаниите, тоа би било лошо за бизнисот, но и би можело да доведе до невработување млади жени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...