!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Зошто Рашковски молчи и зошто не поднесува оставка


       
Скопје, 5 октомври, 2017 - 9:40 (META) 

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, молчи и не одговара до кога планира да го крши законот и зошто не поднесува оставка, бидејќи е незаконски да се биде генерален секретар на влада, а во исто време и претседател на собрание на акционери на „Македонски телеком“ за хонорар од 500 евра по одржана седница, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија посочуваат дека Рашковски спротивно на закон се самоназначил на позиција во „Македонски телеком“ за 500 евра хонорар и додаваат дека тој секој месец инкасира повеќе од 1.000 евра плата и по 500 евра од одржана седница во „Македонски телеком“.

– Во согласност со член 18 од Законот за спречување на судир на интереси, службеното лице Драги Рашковски не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавни претпријатија, агенции, фондови и сите други организациони облици со доминантен државен капитал, што значи дека Законот за спречување судир на интереси не дозволува Драги Рашковски, како генерален секретар на Владата, да биде назначен и за владин претставник во собранието на акционери на „Македонски телеком“ – се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваата дека неговата тешта, Елена Начевска, мајка на неговата сопруга Вероника Начевска, беше претседател на Комисијата за жалби.

„Исто така неговиот кум, Дејан Костиќ, беше ангажиран за адвокат на Генералниот секретаријат на Владата и покрај тоа што владата има правна служба. Дрвото на непотизам на Рашковски влечело илјадници евра од државата во приватни џебови и за тоа ќе одговараат. Овие лица треба да ги вратат парите кои ги испумпаа на основа на плати и на хонорари од буџетот“, се додава во соопштението.