ВМРО-ДПМНЕ: Жртвувањето на директорот на БЈБ нема да ги реши проблемите во МВР


       
Скопје, 8 август, 2018 - 14:41 (META) 

Замислете, директорот на Бирото за јавна безбедност злоупотребува службен џип за да го пренесе друштвото на својата ќерка на одмор во авто – камп во Грција и притоа да застанува по продавници. Жртвувањето на директорот на БЈБ нема да ги реши проблемите во МВР.

Ова денеска на прес-конференција го изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој додаде дека „проблемите нема да ги реши ниту обидот за дефокусирање со измислени „големи акции“ против наводни екстремисти или против поранешни градоначалници, само за да се оттргне вниманието од аферите поврзани со Оливер Спасовски.“

„Кај министерот Спасовски лежи најголемата одговорност. Неговата партизација на полицијата и ставањето на МВР во партиска функција ја претвори Македонија во државата во која граѓаните не се чувствуваат безбедни. А, за тоа не може да ја понесе одговорноста само туроператорот Лазе Велковски. Оливер Спасовски мора да одговори зошто пет дена го криеше скандалот? Спасовски мора да каже кога и кому директорот на БЈБ ги пријавил заканите? Ако воопшто постоеле закани, какви биле тие закани и за што? Што има МВР преземено по тие закани и колкумина се приведени?“, рече Стоилковски.

Тој додаде дека „доколку МВР на Спасовски не апси и не може да открие кој му се заканувал на директор на Бирото за јавна безбедност за да биде гарантирана неговата безбедност, може ли Спасовски воопшто да гарантира безбедност на граѓаните и на државата?

„Дали пак можеби инсистирањето на оставка е дел од внатрешните пресметки во МВР откако директорот, познат како туроператор Велковски, неодамна го приведе Драган Симоновски, советникот и близок соработник на Спасовски? Оливер Спасовски, престани да се криеш зад туѓа одговорност и поднеси оставка од местото кое е клучно за внатрешната безбедност на државата“, додаде Стоилковски.