ВМРО-ДПМНЕ: Заев измислува трикови како да го измами народот


       
Скопје, 20 јули, 2018 - 9:42 (META) 

Доколку договорот со Грција беше навистина добар и го гарантираше македонскиот идентитет, Зоран Заев немаше да се двоуми и ќе го ставеше истиот на референдум без дополнителни прашања кои може да ги доведат во заблуда граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека „доколку договорот беше историски успех за Македонија, Зоран Заев немаше да има дилеми да ги додава во референдумското прашање и ЕУ и НАТО, злоупотребувајќи ја довербата на граѓаните кон нашите меѓународни партнери.“

„Договорот е штетен! Со него се брише името Македонија, македонската историја, традиција и култура. Затоа Заев измислува трикови како да го измами народот за ги оправда антидржавните политики со кои ја покрива неспособноста и расипништвото. Зоран Заев и владејачкото мнозинство не бираат средства за да го реализираат штетниот и капитулантски договор. Тие сега го уценуваат сопствениот народ и манипулираат со јавноста со двосмислени и тросмислени прашања сакајќи да прикажат дека оној кој што е против штетниот и капитулантски договор е против евроатланската интеграција на Македонија“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „граѓаните ги поддржуваат европските и западни вредности, но не ги прифаќаат штетните и погрешни политики и договори од криминалниот картел на чело со Зоран Заев.“