ВМРО-ДПМНЕ: Заев го „приватизира“ правосудството


       
Скопје, 9 мај, 2018 - 10:33 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта ја продолжува партизацијата на судството, што, како што вели, го признал и премиерот Зоран Заев.

„Судот е заробен, а Специјалното јавно обвинителство работи по политичка нарачка на Зоран Заев. Цената на послушноста ја откри самиот Заев. Шефот за човечки ресурси во Основен суд Скопје 1, кој е и десна рака на претседателот на судот Иван Џолев, Горан Стаменковски е назначен за советник на Заев. Ќе зема пари кабинетот на премиерот за да биде линк помеѓу Заев и Џолев. Изгледа не беше доволно тоа што претседателот на судот стоеше во став мирно пред Заев кој е обвинет за тежок криминал и му се суди во Кривичниот суд“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува и дека Специјалното јавно обвинителство е под контрола на власта, како и дека институциите се користат за враќање на долговите на Зоран Заев кон поединци и групи.

„Заев ја држи државата во грч. Непотизмот и вработувањето по партиски клуч се начинот на кој функционира картелот. Веднаш по доаѓањето на власт видовме како градоначалниците на Битола, Неготино и Берово си ги вработија своите сопружници. АД ЕЛЕМ го претворија во место за згрижување на децата на функционерите, на државна плата во ова претпријатие картелот ги вдоми децата на Мирослав Грчев и Талат Џафери, како и сопругот на Магдалена Несторовска. Функција доби и синот на Љубомир Фрчкоски, кој беше именуван за раководител во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор. Зарем ова е професионализацијата која ја ветуваше СДСМ? Ова не е професионализација ова е непотизам и партизација“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.