ВМРО-ДПМНЕ: Заев бега од дебата бидејќи не може да го оправда губењето на идентитетот


       
Скопје, 12 септември, 2018 - 13:40 (META) 

Зоран Заев мора да го надмине стравот и да престане да бега од дебата, која е основно демократско средство во политиката и на која што ќе се разговара за суштински прашања кои задираат во идентитетот на државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на ставот на премиерот Заев да не прифати ТВ-дуел со опозицискиот лидер Мицкоски доколку тој јавно не каже дека е против бојкот на референдумот.

„Заев знае дека е многу потешко кога ќе се соочи со вистината за неговата капитулација и кога ќе му бидат предочени сите аргументи за злото што и го нанесува на државата. Затоа Зоран Заев се плаши од дебата. Тој е свесен за економскиот пустош и антидржавните политики кои ги спроведе. Заев бега од одговори бидејќи не може да го оправда губењето на идентитетот, историјата, културата и традицијата на Република Македонија“, велат од партијата.

Заев, според ВМРО-ДПМНЕ, бега од дебата „бидејќи не може да ја оправда штетата што и ја причинил на државата“. Од таму додаваат дека тој трајно ја нарушил преговарачката позиција на Република Македонија, кои биле градени од страна на сите влади од независноста до сега.