!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ за „Жан Моне“: Прашањата треба да се решаваат во државните институции


       
Скопје, 10 ноември, 2017 - 17:03 (META) 

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека за сите значајни прашања треба да се води дијалог помеѓу партиите во рамките на државните институциите и дека во моментов не ја гледаат потребата ниту ја знаат темата за друг вид на средби како проектот „Жан Моне“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против политички дијалог, но повторување на „Договорот од Пржино“ во или надвор од Македонија е непотребно и неприфатливо. Ние сме за разговори со парламентарното мнозинство, но преферираме тој дијалог да биде во рамките на државните институции. За прашања како што е спорот околу името, остануваме на ставовите дефинирани во нашата програма. Откако ќе се детализираат работите околу темите на кои би се разговарало во Париз би излегле со конечен став во врска со евентуалните средби со партиите од мнозинството“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се против преименување на аеродромот и нивниот став е дека доколку Заев сака постхумно да му се оддолжи на Киро Глигоров, да ги пронајде нарачателите и извршителите на атентатот врз него и да ги санкционира лицата кои „самиот Глигоров ги посочуваше дека му влегувале во канцеларија со непринципиелни, коруптивни понуди од грчка страна за промена на името“.

„Се што Зоран Заев и СДС периодов ќе срушат или преименуваат, ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати откако ќе се врати на власт“, додаваат од партијата.