ВМРО-ДПМНЕ: Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори


       
Скопје, 7 февруари, 2018 - 15:59 (META) 

Во врска со преименувањето на аеродромот и автопатот, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема иредентизам во актуелните имиња, се вели во соопштението на партијата.

Од таму додаваат дека би било добро „граѓаните да слушнат дали одлуката на владата е дел од некоја поширока стратегија или повторно станува збор за еднострани постапки од кои Македонија нема никаква корист.“

„Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори. Во вакви околности, кога се кријат останатите детали, крајно несериозно и многу опасно е јавното лицитирање со одредниците кои се прифатливи. Настапот на премиерот Заев може да има сериозни последици по целиот процес и драматично да ги наруши македонските преговарачки позиции“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „Заев вчера кажа дека била прифатлива географска одредница, но не кажа во чие име говори, и која е таа одредница што за него е прифатлива.“

„Не кажа ниту кој би бил опсегот на употреба, а премолчи и околу тоа дали станува збор само за географска одредница која би била за меѓународна употреба или тоа значи промена и на Уставот, односно уставното име, националноста и јазикот. Исто така, остана неодговорено и прашањето дали оваа географска одредница би имала англиска транскрипција или не. Граѓаните се интересираат и имаат право да знаат дали освен подготвеноста на Заев за географска одредница, тој е подготвен и на отстапки во однос на идентитетските одредници како јазикот, нацијата и меѓународните кодови“, додаваат од ВМРО –ДПМНЕ.

Од партијата велат дека македонската јавност очекува да слушне што точно прифатил Заев на средбата во Давос.

„Доколку не бил постигнат договор во Давос, информациите кои се лиферуваат од грчка страна треба да бидат демантирани, за да не се вознемируваат граѓаните“ се вели во соопштението.