ВМРО-ДПМНЕ Тетово: Заев ги заборави жителите на Порој


       
Тетово, 4 јули, 2017 - 15:05 (META) 

„Со секој поминат ден, граѓаните сè повеќе се уверуваат во несериозниот однос на Зоран Заев и на СДС. Еве, денеска се наоѓаме во селото Порој, каде што и по еден месец од поплавите што го погодија ова населено место, сè уште состојбата на патиштата и на мостовите не е нормализирана. И покрај ветувањата дека за една недела овие работи ќе се решат, чистењето е целосно запрено, а механизацијата е целосно повлечена“, обвини Александар Велјаноски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово.

Тој посочи и на проблемот со главниот мост на патот Тетово – Јажинце, за кој, како што рече, има потврда и од Дирекцијата за заштита и спасување дека е премногу оштетен и опасен за сообраќај.

– Ветувањата што ги даваше Заев и за санација на овој мост и за изградба на неколку други, како и сите други ветувања од страна на СДС, засега се само мртва буква на хартија. Ги повикуваме Зоран Заев и СДС наместо да продаваат демагодија и лажни ветувања, веднаш да се фатат за работа и да почнат да ги реализираат ветувањата што ги дадоа пред граѓаните – рече Велјаноски во Порој денеска.