fbpx

ВМРО-ДПМНЕ со остри одговори до амбасадорите на САД, ЕУ и на Норвешка

-

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, синоќа одржа одвоени средби со американскиот амбасадор, Џес Бејли, евроамбасадорот Самеул Жбогар и со норвешкиот амбасадор во земјава, Анре Санес Бјорнстад, на кои е разговарано за резултатите од предвремените парламентарни избори, очекувањата од новите парламент и влада, за работата на Државната изборна комисија, како и за говорот на омраза и реториката на протестите пред ДИК.

Амбасадорот Бејли на средбата, на која присуствувале и партиските функционери Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев и Александар Николовски, изразил интерес за неколку прашања, но не добил одговори.

На прашањето за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ, како што соопштуваат од партијата, било одговорено дека коалициите ќе зависат не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од другите политички партии, кои покрај одлуката што треба да ја донесат внатре во партиите, имаат влијание и од други надворешни фактори.

„На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, се одговори дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат. На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, беше одговорено дека не може да помогне пред сè затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата. На забелешката на амбасадорот дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

За време на средбата, како што се наведува, амбасадорот апелирал дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат и прашал која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК. И на ова прашање Бејли не добил одговор, со образложение дека партијата не е во можност во моментот да му одговори ниту пак, како што велат од партијата, на хипотетичкото прашањето дали ќе ги почитуваат одлуките на ДИК.

Американскиот амбасадорот истакнал дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата, според неговото мислење, не го делат тој став. Од партијата на тоа возвратиле дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО и во ЕУ,како и во врска со односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа не значи дека некој поединци, партијата или државата не може да изразат некое несогласување со некои чекори на поединци што ги преставуваат САД.

На средбата со евроамбасадорот Самуел Жбогар било разговарано за оценките за изборите, работата на ДИК, како и за пораките и за очекувањата на Брисел од новиот парламент и од новата влада.

Жбогар нагласил дека Брисел изразува загриженост поради реториката што се користи од дел од говорниците во демонстрациите ДИК. Од ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува во соопштението, истакнале дека подржуваат мирни демонстрации и оти не подржуваат говор на омраза, но истовремено рекле дека жалат што Брисел и меѓународната заедница не изразувале ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрации. Во однос на понатамошниот тек на протестите, од партијата изјавиле дека „не може да се предвиди што ќе се случи, бидејќи има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат во согласност со законот“.

На средбата со норвешкиот амбасадор, Арне Санес Бјорнстад, Груевски и претставниците на партијата истакнале дека во последните две години во Република Македонија имало сериозно мешање на одредени претставници на меѓународната заедница во внатрешните работи на земјата и во внатрешно-политичките и меѓупартиски работи. Таквата практика која, како што соопштиле, била присутна и во предизборниот и за време на изборниот период, треба да запре.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...