ВМРО-ДПМНЕ се врати, координаторите почнаа да одолговлекуваат со паузи и процедури


       
Скопје, 29 јануари, 2018 - 15:39 (META) 

Уште на дополнувањето на дневниот ред и на уфрлање на законот за учебници и законот за минерални суровини како закони по скратена постапка, ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници денеска се вратија во Собранието, почна со барања за паузи и инсистирање на процедурите да ја блокира седницата на која на дневен ред е и предлог-законот за употреба на јазиците.

Во вториот дел од седницата продолжи во истиот дух, со барање точката за законот за јазиците да се направи последна, да се исфрли, или да остане како единствена на дневниот ред на денешната 32 седница, или да се премести на 44-то, 43-то, 40-то местно, но тоа со огромно мнозинство гласови „против“ беше отфрлено.

По забелешката на Илија Димовски дека законот за потпретседатели на Собранието им е доставен пред кратко време, тој побара пауза од половина час за да го проучат.

По паузата, кога требаше да се гласа за дневниот ред, координаторите на пратеничките групи почнаа да бараат процедурално да реагираат од собраниската говорница, па се обрабија Илија Димовски и Антонио Милошоски, кој побара нова пауза од еден час додека не го проучат сменетиот дневен ред, кој побараа да им биде доставен во хартиена форма.

Тоа не се случи, Џафери рече дека материјалите ќе ги добијат во текот на седницата, па другите координатори почнаа да бараат збор.

Така, Зоран Илиоски побара да се повлече предлог-законот за јазиците, по што се гласаше за тоа и со големо мнозинство гласови, односно 58 наспроти 28 не беше усвоено. Потоа се јави Антонио Милоски, кој побара да се повлече законот за јазиците од дневниот ред, но и тоа не беше усвоено, со 29 гласа за и 57 против. Ане Лашкоска побара сите други 44 точки да се исфрлат, а да остане само законот за јазиците на дневен ред. Гласањето и за овој предлог помина речиси идентично.

Потоа се јави Трајчо Димков, кој побара законот за минерални суровини, односно кој пропишува построги еколоши норми за рудниците, да се исфрли од дневниот ред, оти би значел дека 10.000 до 12.000 луѓе во Источна Македонија ќе останат без работа. И за тој предлог се гласаше, но само три пратеници гласаа за, еден беше воздржан, а 53 беа против.

Оваа тактика на ВМРО-ДПМНЕ продолжи, па Димитар Стевананџија побара тој од 8-ма да стане трета, но Џафери не го даде предлогот на гласање оти пратеникот не го кажал правилно името на законот.

Лилјана Затуроска побара законот за јазиците од 8-точка да стане 45, односно последна. Благица Ласовска побара од 8 точка да стане 25, Емилија Александрова законот да стане последна точка, Слаѓана Митовска го побара 43-тот место за овој закон, Весна Пемова побара да се премести како 40-та точка. Драган Данев ја побара 39-тата позиција. За сите поединечно се гласаше, со слични резултати како претходните гласања, и не беа усвоени.

Потоа продолжија идентични барања од уште две пратенички, но тие бараа преместување на точките од претходниот предложен дневен ред.

Откако по 15.30 часот се исцрпи листата на пријавени за расправа, претседателот на Собранието го стави на гласање дополнетиот дневен ред, кој беше изгласан со 62 гласа за, без воздржани или против. По ова гласање, Џафери прогласи пауза до 16.45 часот.