ВМРО-ДПМНЕ: Се гонат неистомислениците на Заев, а соработниците се оставени на мир


       
Скопје, 9 август, 2018 - 10:40 (META) 

Обвинителството се претвори во партиска испостава на СДСМ, која служи за монтирање на обвиненија против политичките неистомисленици на Зоран Заев и СДСМ, а за криминалите на неговите соработници не реагира, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија, велејќи дека Македонија е единствена во 21. век во Европа што има политички затвореници, обвини дека и судот изрекува пресуди по директиви на Заев, за тој да се пресмета со неговите политички противници.

„До обвинителството не допира гласот на јавноста за обидот за грабеж на  45 милиони евра државни пари преку разни криминални тендери и грантови кои служеа за исплата на партиските послушници на СДСМ, но затоа допира гласот на Зоран Заев и нарачката за прогон на неговите неистомисленици. До ОЈО не допре ниту случајот со злоупотребата на службена должност кога министерката за одбрана Радмила Шекеринска додели грант од половина милион денари во невладина организација каде членува и таа самата“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.