ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го зголемува јавниот долг, а „остварува“ само партиски тендери


       
Скопје, 7 август, 2018 - 15:31 (META) 

Со денешното задолжување за околу 32,5 милиони преку аукцијата на Министерството за финансии, СДСМ продолжува со постојаното зголемување на јавниот долг, а не ги остварува дадените ветувања. Единствен и најголем проект им се тендерите и државните пари што ги делат на фирмите на СДСМ и на членовите на СДСМ, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Само денеска СДСМ го задолжува секое просечно 4-члено семејство за нови 4.000 денари. Граѓаните тонат во долгови, не можат да врзат крај со крај, а СДСМ, Заев, Анѓушев, Филипче, Шекеринска си делат народни пари по нивни блиски и фирми блиски до СДСМ. Јавниот долг во изминативе 3 месеци СДСМ го зголемија за 54 милиони евра, додека пак државниот долг го зголемија за 29 милиони евра – рече тој.

Арсовски рече дека јавниот долг во изминатите три месеци секој ден се зголемува за 580.000 евра, а реализацијата на капиталните проекти „досега е смешна, исто како што е смешен и растот на БДП“. Тој во името на партијата побара СДСМ да се откаже од намерите предвидени од фискалната стратегија со која што државниот и јавниот долг би отишле над 50% од БДП.

СДСМ реагираше на обвинувањата од Арсовски, порачувајќи оти не е точно дека долгот се зголемил за 32 милиони евра, бидејќи позајмените пари ќе се употребат за враќање долг направен од ВМРО-ДПМНЕ.

„Откако ВМРО-ДПМНЕ го создаде јавниот долг и ги задолжи граѓаните, за прв пат после цели 9 години, во 2017 година јавниот долг бележи намалување. Во 2018 година се задржува на тоа ниво. Криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжија и осиромашија граѓаните. Наследени се обврски од 2 милијарди 114 милиони евра до 2020 година кои треба да се вратат. Тоа се камати и главнини од задолжувањата направени во времето на ВМРО ДПМНЕ“, стои во реакцијата од СДСМ.