!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за Грујовски е партиско-политичка нарачка


       
Скопје, 8 ноември, 2017 - 16:44 (META) 

Одлуката на судот нема никаква правна основа и е партиско-политичка нарачка која треба да го означи политичкиот прогон во Македонија, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по денешните пресуди за случајот „Тврдина 2“ на Специјалното јавно обвинителство.

– Ова е апсурден предмет со кој се обвинува за фалсификат, а се става на товар дека наводно биле уништени исправи со вистинита содржина. Апсурдот да биде поголем, ваква инкриминација не постои во актуелниот Кривичен законик, односно СЈО го промашило кривичното дело поради нестручност, незнаење или сервилност за извршување политички наредби – изјави Крсто Јовановски, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, соопштуваат од партијата.

Тој додаде дека пресудата е донесена по обвинение застапувано од СЈО, кое, според партијата, не е надлежно за ваков предмет.

– Во однос на надлежноста на СЈО за предметот, се креира дополнителна конфузија. Законот го ограничува тоа обвинителство да постапува единствено во врска со предмети што произлегуваат директно од нелегалните разговори. За „Тврдина 2“ не постои ниту еден незаконски снимен разговор на кој се повика СЈО во постапката, а измисленото дело што се става на товар е надвор од временската рамка која го ограничува постапувањето на СЈО. Оваа одлука е резултат на политичкиот прогон и на политичкиот притисок. Ова е политичка, а не правна одлука – подвлече Јовановски.