ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот прогон мора да престане


       
Скопје, 30 декември, 2017 - 10:14 (META) 

Во Македонија нема да има атмосфера за конструктивна дискусија се додека пратеници, уметници, доктори, архитекти, актери, оперски пејачи и полициски службеници се прогласуваат за терористи, се вели во денешното соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое опозициската партија повторно реагира на притворањето на лицата осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

„Судот наместо да одлучува врз основа на фактите, реши да ги задоволи неаргументираните барања за продолжување на притворот од страна на Јавното обвинителство кое конструира политички мотивирани истраги“, велат од партијата.

Оттаму наведуваат дека правото во Република Македонија е сериозно девалвирано, а институциите се претвораат во алатка за пресметка со сите кои не мислат исто како власта.

„Неосновано притворените за настаните од 27 април се лишени од основните права во постапката. Презумпцијата на невиност како основен принцип на кривичната постапка е прекршена. Тоа го потврди и Народниот правобранител. Полицијата ги пречекори овластувањата, судовите одлучуваат по конструирани обвиненија, а кршењето на законите продолжува и во притворските установи. Оваа злоупотреба на институциите не смее да продолжи. Правото мора да важи подеднакво за сите. Граѓаните на Република Македонија тоа го заслужуваат. Политичкиот прогон мора да престане“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.