ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали утре ќе присуствува на собраниската седница


       
Скопје, 29 мај, 2017 - 11:36 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ сè уште не објавува дали нејзините пратеници ќе учествуваат на утрешната собраниска седница, на која треба да се расправа по предлогот на Зоран Заев за нова влада.

Утрешната седница е прва по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Неговиот избор ВМРО-ДПМНЕ го нарече „нелегитимен, неуставен и неделовнички“.

Од партијата велат дека ставот околу утрешната седница ќе го соопштат наскоро, но се изненадени од краткиот рок што им е даден на пратениците да се запознаат со програмата и со составот на владата.

Од 27 април, Талат Џафери имаше средби главно со амбасадори.

Инаку Џафери, вчера, од мандатарот  Заев, го добил предлогот за состав на владата и програмата за нејзиниот мандат. До претседателот на Собранието тие биле доставени околу 15 минути пред полноќ. Џафери веднаш двата документа ги доставил до пратениците, а седницата за избор на владата ја закажа за утре, во 11 часот.

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев, вчера соопшти дека новиот владин кабинет ќе има 15 министри со ресори и неколку министри без ресори: Радмила Шекеринска ќе биде министер за одбрана, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски – министер за финансии, Никола Димитров – министер за надворешни работи, Рената Десковска – министер за образование и наука, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, Мила Царовска – министер за труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски – министер за култура, Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација и Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски.

Во новата влада за министри без ресор ќе бидат предложени  Роберт Поповски, Кочо Анѓушев, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зорица Апостоловска и Зоран Шапуриќ.

Алијансата за Албанците ќе биде дел од новата влада со две министерски места – за здравство и за локална самоуправа.

Иако Беса не е дел од новата влада, договориле соработка за реформите и за важните проекти.