ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе 200 кривични пријави за нерегуларности на референдумот


       
Скопје, 5 октомври, 2018 - 9:31 (META) 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски информираше дека Централниот комитет на синоќешната седница ги потврдил заклучоците од седницата на Извршниот комитет, за разрешување на јавниот обвинител и избор на јавен обвинител на предлог на опозицијата, формирање на Анкетна комисија во Собранието која ќе ги истражи сите нерегуларности во врска со референдумот и почитување на законот за Влада и за избори со цел доколку има избори да се формира Влада по Пржински модел со мандат од 100 дена.

-ЦК вечерва донесе заклучок итно општинските комитети да формираат општински изборни штабови кои ќе функционираат до завршувањето на претседателските избори. ЦК детални ги анализираше нерегуларностите во одредени општини каде што над 50.000 гласови беа злоупотребени во текот на референдумскиот ден, односно имаше грубо полнење на кутии, како и сите притисоци кои се случија пред референдумскиот ден и сите континуирани притисоци кои се случуваат по референдумскиот ден. Скоро сите претседатели на општински комитети, информираа дека голем број на граѓани кои не излегле на референдумот или имаат сознанија дека излегле, ама гласале против, се разместени од своите работни места надвор од законот за јавна администрација и се бркани од работа од приватните компании – рече Николоски.

Партискиот потпретседател рече дека според набљудувачите, се случило грубо и насилно фалсификување на волјата на граѓаните и тоа резултирало со незапамтен грабеж до сега. Затоа, рече Николоски, Централниот комитет ја потврди одлуката дека не го признава резултатот од референдумот и истиот да го смета за груб фалсификат.

-Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ, во текот на утрешниот ден, ќе поднесе кривична пријава до јавното обвинителство против повеќе од 200 лица. Станува збор за претседатели, заменици-претседатели, членови и заменици-членови на избирачки одбори на избирачките места во општините Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај – рече тој.

Николовски по седницата на Централниот комитет, порача дека ВМРО-ДПМНЕ не води битка за власт и за избори, туку за зачувување на името на Македонија.