Нови предвремени парламентарни избори се решение за излез од политичката криза во која СДСМ по изборите повторно ја втурна државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение.
„За да се спаси себе и екипата околу себе, Заев ја прифати тиранската платформа, која во целост е неуставна. Со неа се пропишува целосна двојазичност и промена на името по грчки терк. Тиранската платформа го загрозува и го поништува мултиетничкиот и унитарен карактер на државата. Со реализација на таквата платформа, Заев го прави првиот чекор кон федерализација на Република Македонија и нејзина идна дисолуција, што ќе значи дефинитивен распад на државата. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива ваквата тиранска платформа и ја отфрли уште во текот на преговорите“, се вели во партиското соопштение.
Според ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните се дрско излажани и изиграни, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донел двојазичност, федерализација и растурање на државата.