ВМРО-ДПМНЕ: Институциите не смеат да бидат алатка за политички прогон


       
Скопје, 29 декември, 2017 - 9:51 (META) 

Не постои никаква правна аргументација уметници, оперски пејачи, актери, режисери, архитекти, доктори, полициски службеници, пратеници и останатите неправедно обвинети за тероризам да се држат во притвор, се вели во денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која реагира на продолжувањето на притворот на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април.

„Тие се целосно невини и секоја поинаква одлука од страна на органите на прогонот е само ширење на страв и обид за сузбивање на секоја критичка мисла. Нивното притворање е притисок врз нив и нивните семејства, но и порака до сите оние кои би се обиделе да кренат глас против деструктивните и антидржавни политики на власта. Притворените не се терористи, туку жртви на политички прогон“, стои во соопштението.

Од партијата нагласуваат дека „кршењето на законите и процедурите од страна на правосудните органи при апсењето на лицата од 27 април го потврди и Народниот правобранител“, односно дека полицијата при апсењето на тројцата пратеници го повредила правото на пратенички имунитет и начелото на презумпција на невиност.

„Кршењето на законите е видливо во сите нивоа од кривичната постапка. Законите се кршат од ОЈО, судот, но и од одговорните во истражниот затвор. Институциите не смеат да бидат злоупотребувани и користени како алатка за политички прогон. Граѓаните заслужуваат општество во кое законите важат за сите, а институциите мора да бидат гарант на демократијата и владеењето на правото“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.