ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ќе плаќаат поскапа струја, законот не е правен за нивни потреби


       
Скопје, 3 април, 2018 - 16:30 (META) 

Законот за енергетика не е правен за потребите на граѓаните, туку за потребите на Кочо Анѓушев и трговците со струја, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Од партијата додаваат дека граѓаните не добиваат поевтина, туку ќе плаќаат поскапа струја.

„Либерализацијата на пазарот беше предвидена и од ВМРО-ДПМНЕ. Но доколку овој закон беше реализиран од ВМРО-ДПМНЕ, ќе беше далеку поправеден за граѓаните и за државата. Овој закон е преседан во спротивност со ЕУ-директивите. Со овој закон дополнително ќе се сменат независните членови на регулаторните тела. Истиот остава и премногу нерегулирана материја, која понатаму ќе треба да се регулира со подзаконски акти“, се вели во соопштението.

Од опозицијата прашуваат, што ќе се случи со ЕЛЕМ по 2025 година, кога никој нема да има обврска да купува струја од претпријатието.

„Тогаш ќе имаме ситуација кога голем број од трговците со струја истата ќе ја набавуваат од странскиот пазар, за сметка на нашето домашно производство. Нејасно е кој ќе ја контролира цената на струјата која ЕЛЕМ ќе му ја продава на универзалниот понудувач“, се додава во соопштението.