ВМРО-ДПМНЕ го поздрави потпишувањето на Протоколот за НАТО


       
Скопје, 6 февруари, 2019 - 15:22 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО, соопшти партискиот портпарол Димче Арсовски. Тој тоа го нарече чекор напред за државата и за граѓаните, но истовремено дека Преспанскиот договор е понижување на Македонија и граѓаните.

– Ова е важен ден за Република Македонија и денес се завршува една неправда нанесена на државата од пред повеќе од 10 години. Влезот на Македонија во НАТО е долго очекуван и заслужен уште од 2008-тата година. Македонија уште на самитот во Букурешт ги имаше исполнето сите реформи и услови за полноправно членство, но за жал тогаш беше спречена да стане членка само поради противењето на Грција и нејзиниот проблем со нашето уставно име и идентитет, кои сега на штета на граѓаните и државата на непринципиелен начин беа сменети по нивна мера. Мораме да признаеме дека секој успех за Македонија и секој чекор напред за државата и граѓаните е причина за поздравување на истиот. НАТО е наша стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на Владата на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години која континуирано инвестираше во армијата и нејзините капацитети, преку многубројните учества во мисии и тоа не може да го негира никој – рече Арсовски.

Тој го повтори партискиот став дека Преспанскиот договор ги прегазува македонските црвени линии.

– На штета на граѓаните, останува чувство на горчина и понижување длабоко кај сите нас, од една болна причина што власта не се ни обиде да најде подобро решение на проблемот со името кое ќе биде балансирано и кое нема да ги погази сите македонски црвени линии, како што е случајот сега, односно решение кое нема да биде безусловно прифаќање на сите грчки уцени на недостоинствен и понижувачки начин за Македонија и граѓаните – рече Арсовски.