fbpx

ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека со насилство сака да ја освои власта

-

СДСМ се обидува да отствари изборен резултат со брутално насилство и со учество на криминалци, како и со злоупотреби на капацитетите на државата, обвини Никола Србов, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на партиска прес-конференција.

– Државата и институциите се веќе целосно заробени. Луѓето чии усти беа полни со демократија, сега истата ја укинаа на најбрутален начин. Вакво помрачување не било видено досега. Јавноста секојдневно е сведок на престрелки низ улиците каде жртви се неистомислениците на власта. Се демолираат штабови и се врши притисок. Се поднесуваат бројни измислени и монтирани кривични пријави против актуелни градоначалници и кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ – обвини Србов.

Тој рече дека во Македонија има досега невидена злоупотреба на институциите за партиски цели, дека МВР наместо да презема мерки за безбедноста на граѓаните и за осигурување фер и демократска атмосфера, стоело настрана и со тоа го поддржувало насилството и вандализирањето на штабовите. Тој го обвини и Министерството за труд и социјална политика дека е алатка на Социјалдемократскиот сојуз за дисциплинирање и за поткупување на гласачите.

Во партиското седиште, Златко Перински, исто така член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го праша СДСМ каде се тие 500.000 фантоми за кои партијата предупредуваше пред парламентарните избори во декември лани.

– Главниот аргумент за непризнавање на изборните резултати им беше лагата за наводни 500.000 фантоми во избирачкиот список. Ги прашуваме Заев и Шекеринска каде исчезнаа 500.000 фантоми од претходните парламентарни избори? За оваа фрапантна бројка од фантоми кои живеат во државата, Социјалдемократскиот сојуз ја лажеше македонската јавност три месеци пред изборите. 500.000 фантоми одеднаш ги снема, а избирачкиот список се зголеми – рече тој.

Христијан Делев, пак, на третата прес-конференција, која се одржа веднаш по првите две, обвини дека Владата на СДСМ за само 110 дена ја уништила македонската економија.

– Индустриското производство во август годинава, во однос на истиот месец лани е намалено за цели 5,3 отсто. Индустриското производство тоне веќе трет месец по ред. Рударството забележа пад за 6,1 отсто, преработувачка индустрија опадна за историски рекордни 8 проценти, а  огромен пад има и на преработките од земјоделските производи. Неспособноста на СДС за менаџирање со парите на граѓаните ќе предизвика затворање на постојните индустриски капацитети, како и отселување на странските инвеститори – порача Делев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...