!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за стабилноста на земјата, порача Груевски од Гевгелија


       
Гевгелија, 9 октомври, 2017 - 22:02 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Гевгелија рече дека остануваат неколку дена кога ќе се одлучи „дали ќе продолжи слободниот пад или ќе почне новата ера“. Тој повтори дека ова не се обични локални избори, бидејќи се одлучува за иднината на Македонија по 15 октомври.

Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на граѓаните на Македонија и е гаранција за стабилноста на земјата, а дека новата влада ја урива економијата, преку опаѓање на инвестициите, платите, пензиите и на субвенциите. Тој повторно ги повика граѓаните, но и гласачите на СДСМ, да му се придружат и да направат, како што рече, посилна Македонија.

– Лицето кое е претседател на СДСМ не вреди. Вие заслужувате подобро. Тој не е загрижен за среќата и за спокојството на вашите семејства и за напредокот на општините. Тој нема љубов кон знамето и кон татковината, а тоа се должи на неговата единствена агенда која се вика „Груевски“. Тој за мене зборува 24 часа на ден затоа што нема капацитет и способност да го надгради тоа што досега сме го направиле – рече Груевски, повикувајќи ги граѓаните да му одржат лекција на новиот премиер, кого го нарече „празен човек“.

Груевски најави нови работни места, повеќе вложување во екологијата, намалување на даноците, зголемување на платите и на пензиите, а најави и нов проект наречен „Стекнување сопствен дом“, наменет за младите семејства. За овој проект ќе се обезбедат локации и плацеви кои ќе бидат достапни за 1 евро за еден квадратен метар, а лицата со најмал приход ќе бидат ослободени од плаќање комуналии. Другиот проект кој денеска го презентираше е отпис на долгови за вода и за комунална хигиена на социјално загрозени семејства во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Проектот, според најавата, ќе се реализира веднаш по изборите, односно на првата седница на советот на општините.

Кандидатот за Гевгелија, Иван Франгов, кој се кандидира за трет мандат, се заблагодари за досега добиена поддршка и истакна дека неговиот опонент ветува работи кои веќе се почнати, како канализацијата и пречистителната станица.

– Мојот противкандидат ветува проекти кои јас веќе ги почнав и веќе се во фаза на завршување. Замислете, тој ветува нов водоводен систем, а тој веќе се гради и е во завршна фаза со помош на Владата која ја водеше ВМРО-ДПМНЕ. Ветува нова депонија, а лично тој самиот заедно со носителот на советничка листа присуствуваше на јавната расправа за привремената депонија. Ветува пречистителна станица, а таа веќе пробно работи и се очекува да проработи до крајот на ноември. Ете, тоа се нашите политички противници, само празни зборови и украдени идеи – рече Франгов.

Тој потсети дека Гевгелија доби нова автобуска станица, нов пазар, нова патна инфраструктура кај граничниот премин, фекални канализации и спортски игралишта, а вети изградба на забавен парк, базен, спортска сала и регионална комунална депонија.