fbpx

ВМРО-ДПМНЕ бара за законот за јазиците да се гласа со двотретинско мнозинство

-

Во едночасовната расправа за предлог законот за употреба на јазиците опозицијата го обвини парламентарното мнозинство дека сака набрзина да спроведе нешто што е неуставно, а кое што СДСМ не го најавил во изборната кампања за парламентарните избори.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека законот е неуставен и дека треба да се изнајде ново решение со кое би се овозможила праведна примена на јазиците односно да се вметнат членови во законот со кои ќе се гарантираат правата на сите граѓани без разлика дали се под или над 20 отсто од населението.

Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој говореше прв рече дека не е против употреба на албанскиот јазик, но кога таа би била според Уставот, а кажа и дека за него не е добро решението седниците да се водат на албански јазик.

-Ја пратеник-слушалка не бивам – рече тој.

Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ во реплика на неговата партиска колешка Ане Лашкоска нагласи дека на земјата и треба закон за сите.

-Можеби во овој закон требаше да се вметнат членови за правата на сите, и за Македонците во Тетово и Гостивар, каде можете да видите колку се применува законот за македонскиот јазик. Ако некој бара почит, тоа и треба да го даде – рече Манојлоски

Пратениците од СДСМ реплицираа дека станува збор за закон со кој што ќе се надминат проблемите што не се разрешени во последните 16 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Тие им порачаа на своите колеги од опозицијата дека станува збор за закон кој што е целосно во согласност со амандманот 5 од Уставот и побараа да се напушат стравовите и сите пратеници конечно да почнат да работат за државните интереси наместо постојано да се случуваат празни политички надмудрувања.

Жаклина Лазаревска од СДСМ реплицирајќи на Лашкоска, која рече дека овој закон СДСМ не го ветувал, ама затоа ќе го донесе и со тоа ќе наштети на државата и праша дали граѓаните се свесни што ќе се случи, одговори дека граѓаните своето го кажале на локалните избори.

-Реплицирам од една причина. Кога Лашкоска праша дали граѓаните се свесни, јас се прашувам дали таа е свесна што ги прашува граѓаните, оти тие своето го кажаа гласајќи на локалните избори – рече Лазаревска, порачувајќи дека не треба премногу да се навлегува во материјална расправа, туку бидејќи сега законот е во прво читање, едноставно само да се оцени дали има потреба од таков закон.

Пратеничката Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ реагираше што овој закон се носи во нормална постапка наместо да се стави во категоријата на законите од посебен интерес кои треба да се изгласаат со двотретинско мнозинство.

По еден час расправа претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 15.30 часот кога се очекува да продолжи расправата, за која има уште педесетина пријавени за збор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...