fbpx

ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија за насилниците од 27 април

-

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара „итно и неодложно“ ослободување и амнестија на сите лица што „извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите во Собранието на Република Македонија од 27 април“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој чин ќе придонесе за помирување во Македонија и за релаксирање на политичките тензии.

Ваков заклучок, како што информираат од партијата, бил донесен на последната седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој бил констатирано дека „во изминатите пет месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи, чиј заеднички именител е политичка интервенција од власта“.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека поведува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица што извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски, а во некои делови и со идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија што јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните што протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно какво било понатамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април. Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27 април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се товарат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смиљковско Езеро“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата соопштуваат дека поради ова, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и за ослободување на лицата учесници во настаните од 27 април.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Голем пожар во зградата на старата Берза во Копенхаген

Голем пожар избувна утрово во зградата на поранешната Берза во Копенхаген од 17 век – една од најпознатите знаменитости на данската престолнина. Пожарот го проголта кровот на историскиот објект...