Власта и опозицијата се препукуваат, граѓаните дишат отров


       
Скопје, 3 декември, 2018 - 10:28 (META) 

Синоќа речиси сите мерни станици на Министерството за животна средина покажаа неколку пати поголемо количество на канцерогените ПМ10 и ПМ2,5 честички.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека е виновна што граѓаните се гушат од енормното загадување на воздухот, а од СДСМ велат дека Владата заедно со сите надлежни институции активно работи на надминување на долгогодишниот проблем со аерозагадувањето.

„Концентрацијата на опасните канцерогени ПМ10 честички е повеќе од пет пати над дозволеното, а Шилегов и Макрадули наместо итно да преземат мерки, ги омаловажуваат и замолкнуваат невладините активисти и граѓаните. СДСМ додека беа опозиција ветуваа итни мерки за почист воздух и манипулираа дека кога ќе дојдат на власт веднаш ќе го решат проблемот со загадувањето. Откако се сместија во удобните фотелји заборавија на своите ветувања и речиси две години немаат реализирано ниту еден проект за подобрување на воздухот“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ предлага да се обезбедат средства во буџетот и да се постават најмалку три дополнителни статични и четири мобилни мерни станици. Статичните да бидат поставени во близина на РЕК Битола, РЕК Осломеј во Кичево, како и Дрисла, а мобилните во Радовиш, Прилеп, Гостивар, како и во Петровец.

Од СДСМ велат дека во 2018 година постои намалување на бројот на деновите со надмината дозволена загаденост од 50 микрограми, споредено со 2016 и 2017 година.

„Според просекот од сите мерни станици во Македонија, во периодот од први јануари до 30 ноември 2018 година, регистрирани се 88 загадени денови, што е благо намалување во однос на 2016 и 2017 кога бројот на загадени денови бил 99. Претстои уште работа и затоа, Владата предводена од СДСМ, надлежното министерство, општините и сите останати засегнати институции постојано преземаат мерки за справување со загадениот воздух, со крајна цел, загадувањето за две години да биде намалено за 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во цела Македонија“, велат од владејачката партија.