Владата жали што поради безбедносни постапки имало непријатности за фоторепортерите


       
Скопје, 19 јули, 2018 - 13:32 (META) 

Владата соопшти дека со внимание ги прифатила и анализирала реакциите по инцидентот со фоторепортерите вчера при лидерската средба во Клубот на пратениците и нагласува дека се спроведувале безбедносните насоки, изразувајќи жалење што поради тоа фоторепортери биле оневозможени да работат.

„Водена од врвниот принцип да го почитува и да го овозможува правото на медиумите за непречено, одговорно и професионално известување од настаните од посебен интерес за јавноста и граѓаните, претставниците на Владата на вчерашниот настан обезбедија услови за работа на новинарите и новинарските екипи, соодветно на стандардите за вакви настани и насоките кои ги има добиено од безбедносните институции“, стои во соопштението испратено до медиумите по брифингот што се одржа пред почетокот на денешната лидерска средба.

Во него се изразува жалење што не можеле да се направат исклучоци.

„Поведени од начелото дека треба да бидат обезбедени еднакви услови за сите претставници на медиумите без исклучок, како и заради безбедносни проценки направени од професионалните безбедносни служби, жалиме што не постоеше можност да се направат исклучоци од однапред утврдените и обезбедени услови за работа на сите медиумски екипи. Исто така, Владата изразува жалење за непријатната ситуација до која е дојдено при спроведување на безбедносните насоки и се заложува решенијата да се бараат низ дијалог и соработка“, порачуваат од Владата, нагласувајќи дека остануваат посветени на принципот за еднаков третман на сите.