!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата усвои декларација за слободни и фер избори и препораки за администрацијата


       
Скопје, 5 септември, 2017 - 21:09 (META) 

Владата на денешната седница ја усвои декларацијата за слободни и фер избори, како темелна вредност која произлегува од членот 22 од Уставот на Република Македонија, според кој, секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање, соопшти владината прес-служба.

„Во согласност со оваа декларација, владата им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и на вработените во органите на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори, за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин и да обезбедат почитување на принципот на тајното гласање, за да може гласачите слободно да гласаат, без страв или заплашување“, стои во соопштението и се додава дека сите носителите на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа треба да обезбедат изборниот процес да се одвива непречено.

Владата, исто така, ја разгледала и усвоила информацијата за спроведена проверка на законитоста на процесот на вработување од денот на распишување на предвремените парламентарни избори до денот на изборот на Владата. Во контекст на тоа побарано е сите министерства најдоцна во рок од 15 дена да извршат проверка на податоците и да подготват интегрирани евиденции на податоци што се однесуваат на вработувањата во овој период во сите државни институции, а Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд веднаш да поведат постапки за вршење вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за административни службеници и на Законот за вработените во јавниот сектор.

Премиерот и министрите ја оцениле како позитивна иницијативата на група пратеници за предлог-закон за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања. Со новото законско решение, се бара да се овозможи на даночниот обврзник, кај кого е констатирана незаконитост, да нема забрана за вршење дејност во деловната просторија во траење од 15 дена, туку да се овозможи непречено работење веднаш по плаќањето на казната за прекршокот.

„Владата заклучи дека оваа мерка е во согласност со определбите на владата, казнената политика да биде превентивна, а не репресивна и препорача понатамошно унапредување на овие мерки“, стои во соопштението.

На денешната седница на владата била разгледана и информацијата за реализацијата на манифестацијата „Нов културен бран“, како и информацијата на Организацискиот одбор за програмата за прослава на државниот празник 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија.