!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата со програма за пораст преку поддршка и на домашните и на странските компании


       
Скопје, 14 септември, 2017 - 15:13 (META) 

„Новиот план за економски пораст во земјава што го подготви Владата има цел транспаретно да ги стимулира фирмите што бележат пораст и го зголемуваат извозот, но и да ги стимулира компаниите да отвораат добро платени работни места и да отвораат развојни центри. Крајната цел е да се постигне развој од кој корист ќе имаат граѓаните“, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, го презентираше планот за кој вели дека ќе стане владина политика по јавните дебати во следниве две-три седмици.

Планот предвидува три групи мерки насочени кон нови инвестиции, поддршка на постојни компании, како и поддршка на компании кои се рестартирани по стечај или ликвидација. Исто така, ќе се поддржува и извозот, а особено забележаниот пораст во извезени стоки, а посебни мерки се предвидени и за поддршка на малите и на средните претпријатија, кои, според премиерот, треба да креираат нови работни места, како чекор кон намалување на невработеноста, и да бидат генератор на домашниот, но и на регионалниот развој. Целта на предвидените мерки, порача тој, е зголемување на домашниот бруто-производ, а ќе се стимулираат и странските и домашните компании под речиси еднакви услови.

– Крајната цел е пораст на благостостојбата на граѓаните, преку зголемување на платите и на куповната моќ на граѓаните. Притоа, сè ќе зависи од резултатите. Кој колку ќе оствари, толку пари ќе може да земе. Ако има нула пораст, и стимулациите ќе бидат нула – рече Заев.

Како што објаснија и премиерот и вицепремиерот, новите мерки за економски пораст нема да чинат повеќе од 225-те милиони евра што претходната власт ги дала на странските инвеститори, а ќе се спроведуваат транспарентно.

– Целта се нови инвестиции, извоз и конкурентност. Основниот критериум ќе биде транспарентност и со оваа програма е исклучена секаква дискреција, а таа ќе биде ориентирана спрема резултатите. Ќе може да аплицираат сите компании, ако покажат резултат и ако ги задржат работните места. Сите мерки се насочени кон резултатите и ќе ги стимулираме компаниите да ги даваат парите за развој и за плати – рече Анѓушев.

Како што образложи тој, за новите странски инвеститори, но и за постојните, како и за домашните компании ќе се предвидуваат стимулации за новокреирани работни места од најмалку 10 отсто од платата ако таа изнесува барем 50 отсто повеќе од гарантираната минимална плата, но под услов ако најмалку 80 отсто од вработените биле евидентирани како невработени најмалку три месеци или ако тукушто го завршиле образованието. До 20 отсто од исплатената плата ќе им се враќа на странските инвеститори ако таа изнесува двојно повеќе од просечната плата. Околу една петтина од исплатената плата ќе се враќа на инвесторите кои отвориле или преселиле свои развојни центри во земјава, како и 30 отсто од инвестираните пари за тие центри.

– Но, тоа ќе се случува сè додека се постигнуваат очекуваните резултати – појасни Заев.

Премиерот додаде дека мерките ќе траат сè додека се постигнуваат бараните резултати и дека инвеститорите не ќе мора по 5-10 години, кога им истекува поддршката што ја давала претходната власт, да си заминат.

Посебни мерки, како што образложи Анѓушев, се предвидени за инвеститори кои имаат годишен приход кој надминува една милијарда долари.

За малите и за средните претпријатија, особено тие што ќе бележат брз пораст, се предвидени низа мерки за поддршка во различни аспекти, особено во поглед на развојот и на стимулација за давање повисоки плати.
Новите мерки ќе бидат дел од низа јавни дебати во следниве две-три седмици, а се очекува во октомври, откако ќе се чујат мислењата на бизнис-секторот, експертите и на јавноста, тие да бидат соодветно дефинирани и да почне да се применуваат веќе од 2018 година.