!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата се пофали дека од планот „3-6-9“ останале само „6-9“


       
Скопје, 10 ноември, 2017 - 16:48 (META) 

На состанокот на министерската работна група денеска за реформите од планот „3-6-9“ било констатирано дека се исполнети сите предвидени мерки од неговата прва третина, односно од делот „3“, соопшти владината служба за информирање.

На денешниот состанок, министрите информирале дека е подготвен детален план за активностите и мерките кои треба да се реализираат во периодот до декември – јануари, кога ќе се финализира и делот 6 и 9, од Планот 3-6-9. Најголем дел од реформите и законските измени се од областа на правосудството, реформа на разузнавачките служби, борбата против корупцијата, тероризмот и насилниот екстремизам, медиумите и реформи во областа на јавната администрација.

На денешниот состанок премиерот Заев ги задолжил ресорните министри за законите предвидени со втората третина од планот „3-6-9“, односно од 6, а кои треба да се донесат до крајот на годинава, да побараат и да добијат мислење од претставници од опозицијата.

На прашањето на „Вистиномер“ што е реализирано од реформските мерки предвидени во „Планот 3-6-9“, од Владата рекле дека за првите три месеци беа предложени вкупно 73 мерки во 11 приоритети.

„Во однос на имплементацијата, целосно се реализирани 59 мерки, односно цирка 81% од планираното, по што е констатирано дека реализацијата е добра. Нема ниту една мерка која е нереализирана, односно имплементацијата на сите останати 14 мерки е во тек. Причините поради кои 14 мерки се во тек, а не целосно реализирани, е тоа што дел од мерките, иако се дел од Планот за првите 3 месеци немаа рок, дел од мерките беа со рок по првите 3 месеци, а дел од мерките се комплексни процеси кои е потребно правилно, а не само избрзано имплементирање. Дотолку повеќе, останатите 14 мерки не се во директна надлежност на Владата туку во надлежност на други независни институции, а нивната имплементација ќе продолжат во периодот кој следи. Дополнително, ЕУ позитивно ги оцени континуираните активности поврзани со „Планот 3-6- 9“ и покрај предизборната кампања, се вели во одговорот.

Според информацијата испратена од владиниот портпарол Миле Бошњаковски до „Вистиномер“, статусот на реализацијата на мерките предвидени за првите 3 месеци е следна:

ПРИОРИТЕТ ВКУПНО МЕРКИ % НА РЕАЛИЗАЦИЈА
ИЗБОРИ 11 81.81%
СОБРАНИЕ 9 100.00%
ИМЕНУВАЊА 3 33.33%
ОХРИДСКИ ДОГОВОР 1 100.00%
ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО 6 66.66%
МЕДИУМИ 8 100.00%
РЕФОРМА НА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА 7 100.00%
СУДСКИ РЕФОРМИ 13 69.23%
РЕФОРМА НА РАЗУЗНАВАЧКИ И БЕЗБЕДНОСНИ СЛУЖБИ 6 83.33%
БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА 4 75.00%
МИГРАЦИИ 5 60.00%
ВКУПНО МЕРКИ И % НА РЕАЛИЗИРАНИ ОД НИВ 73 80.82%
ВКУПНО ВО ТЕК 14 19.18%