!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата расправаше за евтината струја и двосменското работење на градинките


       
Скопје, 15 август, 2017 - 18:21 (META) 

Владата на Република Македонија на својата 23-та седница дискутираше и донесе одлуки за 51 точка од дневниот ред, соопшти владината прес-служба.

Премиерот и министрите го разгледале годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика за 2016 година. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакнал дека законот за воведување на евтина тарифа во снабдувањето со електрична енергија треба да биде ставен во приоритетните закони, напоменувајќи дека нема пречки тоа да биде имплементирано во Македонија.

На седницата е одлучено да се испрати во редовна собраниска процедура предлог-законот за измени на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација. Во Законот се предвидени 15 емисии на обврзници за денационализација, а со измените се предлага дополнително издавање на уште три емисии на обврзници.

Владиниот кабинет ја разгледувал и информацијата за воведување на втора смена во детските градинки. За овој предлог Владата го задолжила Министерството за труд и социјална политика да ја информира јавноста за овој предлог и да побара мислење од сите засегнати страни за потребата од двосменско работење на градинките.

Утринава владината прес-служба соопшти дека Владата на денешната седница ќе расправа за измени на законот за внатрешни работи, како и за предлогот за изменување на Деловникот за работа на Владата и предлог-програмата и предлог акциски план за спроведување на Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020 година. Сепак, во соопштението по владината седница, нема информација за овие точки, ниту пак дали било расправано за нив.