!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата прогласи кризна состојба на териториите на Македонски Брод и на Чашка


       
Скопје, 5 август, 2017 - 21:59 (META) 

Владата вечерва одржа седница за состојбата со пожарите и донесе одлука за прогласување на кризна состојба на подрачјата на општините Македонски Брод и Чашка, затоа што таму веќе неколку дена има активни пожари, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој е и претседател на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи.

– Анализирајќи ги сите состојби, пред сè во координација со сите релевантни фактори и институции кои се вклучени во справувањето со пожарите, прогласивме кризна состоја која ќе трае 30 дена од моментот на донесувањето на одлуката. Ова е донесено за сите надлежни институции во Македонија во координирана акција да можат да дејствуваат за ефикасно да се справат со оваа состојба со пожарите. И во наредниот период ќе имаме временски услови со висока температура, а со тоа и можност за ширење на пожарите. Ова е една од мерките која ќе гарантира безбедност за овие региони, успешно справување со пожарите и нивно целосно гаснење – изјави Спасовски.

Тој додаде дека сите надлежни институции се задолжени за да помогнат во делот на справување со оваа кризна состојба во овие две општини и каде што ќе треба.

– Ако немаме кризна состојба, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), односно локалните самоуправи ќе требаше самостојно да се справуваат. Вака, сите институции на Македонија ќе треба да се приклучат и да ги стават сите расположливи средства и ресурси во справувањето со овие состојби – појасни Спасовски.

Тој ги повика граѓаните да им помогнат на институциите во справувањето со пожарите.

– Поради временските услови, поради невниманието на граѓаните може да дојде до опожарување на кој било дел од територијата и затоа треба координирана акција, во која и граѓаните превентивно ќе треба да помогнат, покрај институциите кои се задолжени за тоа – рече Спасовски.