fbpx

Владата прогласи кризна состојба на северната и јужната граница

-

Владата на вчерашната седница поради зголемениот прилив на мигранти во државата донела одлука за прогласување на кризна состојба на јужната и северната граница.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти помошникот-министер за односи со јавност на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски, додавајќи дека согласно законските прописи за обезбедување на јужната граница ќе биде ангажирана и Армијата на РМ.

Како што соопшти Котевски, целта на донесената мерка од владата е да се зголеми безбедноста на локалното население и да се пружи похуман и посоодветен третман на мигрантите кои веќе влегле на територијата на државата.

Според одлуката на владата, ќе се формира главен штаб во рамките на Центарот за управување со кризи кој за кратко време ќе донесе и соодветен акциски план за постапување.

Котевски не одговори прецизно дали ова значи дека Македонија ја затвара јужната граница за илегалните мигранти кои доаѓаат од Грција и влегуваат во земјата, истакнувајќи дека со ова се засилува контролата на границата и на самиот граничен премин.

– Мигрантите никогаш легално не влегувале во Македонија, ниту пак биле пуштани. Напротив, Министерството за внатрешни работи согласно капацитетите со кои што располага ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал нивната граница (на Грција н.з.) која што е надворешна граница на Европската унија (ЕУ) воопшто не беше заштитувана од грчка страна, односно не само што беа пропуштани лицата илегално да ја минуваат границата, туку бевме сведоци на голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата. Со оваа одлука практично се засилува контролата на самата граница и на граничниот појас – рече Котевски.

На новинарско прашање, што значи похуман третман на илегалните мигранти, Котевски одговори дека станува збор за „соодветен третман“ кој што државата може да си го дозволи поради нејзините ограничени капацитети.

– Похуманиот третман подразбира посоодветен третман на лицата кои што се илегални мигранти и кои што се во Република Македонија. Факт е дека Македонија не располага со неограничени капацитети и еден е третманот кој што може да им се пружи на лица, кога станува збор за 1.500, 2.000 или 3.000 мигранти кои што би влегле во ист ден, а друг е третманот што би го добиле доколку илегално успејат да ја поминат границата 50, 100 или 500 мигранти – изјави помошникот-министер за односи со јавност на МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...