fbpx

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

-

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да се саморегулираат, оти таа не треба да биде авторот на реформите на медиумите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната дебата за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која Владата ја организираше како продолжение на досегашната расправа со медиумите и со еснафските организации.

Во речиси двочасовната расправа за обемниот предлог-закон, раководни лица на медиуми и на асоцијации на медиуми побараа повеќе измени на законот, а остри критики за сегашната верзија на предлог-законот упати и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој беше придружуван од генералниот секретар на здружението и од неколку членови на управниот одбор. Според Селмани, тие луѓе во Владата што го пишувале текстот за законот се непријатели на медиумите, а многу ѝ штетат и на Владата.

Како што посочија и Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, Владата е подготвена да ги прифати забелешките и да повлече некои решенија, како што се укинување на глобите од 5.000 евра за медиумот и од 1.500 евра за одговорното лице за непрофесионално новинарско известување и за говор на омраза, што го побараа и Селмани и Лазо Петрушевски, претседателот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовозиуелни услуги, но и други учесници.

Во однос на МРТ, владиниот текст на законот претрпе остри критики зашто предвидува премалку пари за работењето на јавниот радиодифузен сервис, односно затоа што 0,7 отсто од државниот буџет се премалку пари за јавниот сервис. Беше посочено дека тие пари нема да бидат доволни за да се овозможи и работа и враќање на долговите, но, како што рекоа министрите Манчевски и Поповски, тоа се моменталните можности, а намерата на Владата е секоја следна година да ги зголемува тие средства за плус 0,1 отсто, па до крајот на четиригодишниот мандат да го достигне нивото на 1 отсто од буџетот. Владимир Петрески побара да се дефинира и законска граница за задолжувањето на МРТ во иднина, а при нејзино надминување, да се воведува принудна управа.

Денешната дебата во хотелот „Александар палас“ беше последната од серијата јавни дебати за текстот, а можно е, како што рече Манчевски, да се одржи и уште една дебата што ќе се однесува строго на застапеноста на македонската музика во програмите на медиумите.

Свои коментари за законот ќе може да даваат сите заинтересирани на страницата на ЕНЕР до 30 ноември, иако, како што најави Поповски, најверојатно Владата ќе остави уште седум дена простор за дебата за овој закон, кој за да помине во Собранието, треба да биде изгласан со двотретинско мнозинство.

– Затоа бараме и од опозицијата да се вклучи во процесот, за да донесеме текст кој навистина ќе овозможи реформи – рече Манчевски.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...