Владата одвои 1,59 милиони евра за животна средина и борба против аерозагадувањето


       
Скопје, 9 јануари, 2019 - 9:55 (META) 

На својата вчерашна 114. седница, Владата ја усвоила  предлог-програмата за инвестирање во животната средина за 2019 година.

„Покрај програмата за инвестиции од 130,8 милијарди денари, за оваа програма обезбедени се 98 милиони денари (1,59 милиони евра). Дел ќе се наменат за поддршка на мерки и активности за намалување на загадување на воздухот со спроведување на постапка за јавна набавка. Останатиот дел од средствата ќе се доделуваат врз основа на Јавен конкурс којшто го објавува и спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за животната средина, со склучување на договори за доделување на средства“, соопшти Владата.

Намалувањето на загадувањето на воздухот е и една од приоритетните мерки во Програмата за работа на Владата во текот на оваа година, која исто така била усвоена вчера. Други приоритети се развој на економијата и подигнување на животниот стандард, потоа зачленувањето во ЕУ и НАТО, борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, реформи на правосудството и целосно спроведување на Охридскиот договор.

Министрите ја прифатиле и предлог–програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија, за 2019 година. Испланирани се 7,8 милиони денари (127.000 евра), за одредување на присуството и количествата на контаминентите во храната, утврдување на присуство на резидуи (остатоци) од пестициди во и на храната, како и за навлегување на дел од амбалажата во храната, како и за проверка на ГМО во храната, како и за други опасности.

Истовремено, владиниот кабинет го задолжил Државниот инспекторат за труд да изготви детална информација, во однос на тоа како се спровела исплатата на регресот за годишен одмор (К-15) и дали и какви мерки се преземени за компаниите коишто не ја испочитувале оваа обврска.

Усвоени се и програми за трансплантација, за бесплатно болничко лекување за пензионери со ниска пензија и на лица во социјален ризик.