Владата предвидува 16 милиони евра за намалување на невработеноста


       
Скопје, 28 февруари, 2018 - 12:54 (META) 

За Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување кој беше усвоен вчера на 56. владина седница, предвидени се околу 16.260.163 евра и вработување на околу 9.511 лица, односно повеќе од 16.000 лица преку услугите кои ги дава Агенцијата за вработување, појасни денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа додаде дека, предвидена е поддршка за самовработување на невработени лица, невработени млади лица до 29 години, невработени инвалидни лица, субвенционирање на плати, а предвидена е и посебна пилот-програма Гаранција за млади.

-Во програмата за самовработување предвидени се 4.500 евра за поединци или 10.000 евра за здружување. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 1.176 лица – рече Царовска.

Корисници на поддршката за вработување на инвалидни лица можат да бидат оние кои самостојно вршат дејност како трговец поединец, работодавач или пак се во својство на работадавач, трговски друштва за вработување на инвалидни лица, државна администрација, локална самоуправа, јавни претпријатија.

Во пилот-програмата Гаранција за млади, која ќе се спроведе во три центри за вработување Гостивар, Струмица, Скопје целта е, на младите лица од 15 до 29 години во период од четири месеци понуда за вработување, континуирано образование и обука и практиканство.