fbpx

Владата ќе го разгледува решението на Уставен за прислушувањето преку телеком-операторите

-

Владата на денешната 31. седница, меѓу другите точки од дневниот ред, ќе го разгледува и решението на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, донесено на седницата на судот на 21 јуни годинава.

Инаку, членот 175 ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд во јуни донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста овој член, откако мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Судот требаше да донесе конечна одлука на седницата на 27 октомври, но одлучувањето беше одложено бидејќи судот работи во скратен состав и нема мнозинство за донесување конечна одлука, откако на 31 јули на судијата Исмаил Дарлишта му истече деветгодишниот мандат, а на 7 октомври мандатот им истече и на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова.

Инаку, укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештаите на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, оној од 2015 година и последниот од годинава.

На дневен ред на денешната седница Владата ќе ја разгледува и потребата од потпишување анекс за изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Паневропскиот коридор 10, како и анекс кон договорот за надзор на изведбата на овој автопат.

На седницата ќе бидат донесени заклучоци во врска со информацијата за степенот на имплементација на реформските мерки во областа на енергетиката, а Министерството за образование ќа ја презентира предлог-програмата за изградба и за реконструкција на средни училишта за 2017 година. На деневен ред ќе биде и предлог-одлуката за прогласување на Спомен-куќата на Лазар Личеновски во Скопје за културно наследство од особено значење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...