Владата ја финализираше постапката за прифаќање на возачките дозволи во Германија


       
Скопје, 26 јуни, 2018 - 17:21 (META) 

На својата 76-та седница одржана попладнево, Владата го прифатила текстот на декларацијата со која Македонија и Германија меѓусебно ќе си ги признаваат возачките дозволи.

Тоа е последниот чекор пред потпишувањето на документот, со кое во Германија ќе се прифаќаат македонските возачки дозволи на македонските државјани што имаат законски престој во Германија од најмалку 185 дена во годината, како и на германските државјани со законски престој од најмалку 180 дена во Македонија, се дознава од владиното соопштение.

Мерката ќе донесе олеснување на гастарбајтерите, кои сега мораат да вадат меѓународни возачки дозволи.

Министрите на денешната седница го прифатиле и годишниот извештај на Министерството за финансии за управување со јавниот долг за 2017-тата година. Според извештајот, тој на крајот на 2017 година изнесувал 4.786,9 милиони евра, што претставува 47,6% во однос на БДП. Од оваа сума, 3.187,5 милиони евра отпаѓаат на надворешниот, додека 1.599,4 милиони евра на внатрешниот јавен долг.

Државниот долг на Република Македонија на крајот на 2017 година изнесувал 3.958,5 милиони евра односно 39,3% во однос на БДП.

Според годишниот извештај на министерството за финансии, бројот на вработени во 2017 година се зголемил за 2,4%, односно за околу 17.000 лица споредено со 2016-тата година. Зголемување од 2,6% на номиналната основа и раст од 1,2% на реална основа, лани бележи и просечната нето/бруто-плата.

Владата на седницата го разгледала и го прифатила извештајот за работата на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ПИОМ) во 2017 година. Според истиот, бројот на регистрирани осигуреници во декември 2017 е зголемен за 5.406 осигуреници во споредба со истиот месец во 2016 година. ПИОМ минатата година остварил плус од 171 милиони денари, односно 2,78 милиони евра.

Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, според извештајот, минатата година остварил вкупни приходи во износ од 65.319,96 милиони денари и вкупни расходи во износ од 65.148,94 милиони денари.