fbpx

Владата го усвои ребалансот на буџетот, се очекува Собранието да го изгласа до Илинден

-

Влaдата на денешната седница го усвоила ребалансот на државниот буџет за 2017 година, кој ќе биде доставен во Собранието на Република Македонија, кое треба да го изгласа, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

Како што рече премиерот, ребалансот е резултат на сеопфатната и детална анализа на Министерството за финансии, а целта, истакна тој, е да се отстранат разликите меѓу она што е проектирано при носењето на буџетот со реалните можности и да се да се скратат непродуктивните трошоци.

Новиот ребаланс го проектира порастот на 2,2 отсто од БДП.

Со ребалансот вкупните приходи се намалени за 2 милијарди денари, односно од претходно проектираните 187 милијарди, сега изнесуваат 184,7 милијарди денари. Расходите претходно биле предвидени на 206,2 милијарди денари, а со овој ребаланс изнесуваат 203,3 милијарди денари.

– Проекцијата на претходната влада беше дека порастот ќе изнесува 3 отсто од БДП. Но, имајќи предвид дека порастот во првиот квартал изнесуваше нула отсто, нашите проекции се дека до крајот на годината ќе постигнеме пораст од 2,2 отсто – рече Заев.

Тој нагласи дека најголемо кратење на непродуктивни трошоци на владата е направено кај буџетот на премиерот, или ставката Влада на РМ.  Со кратењето од премиерскиот буџет ќе се добијат повеќе од 420 милиони денари, кои ќе се пренасочат. Таа сума во буџетот била планирана за кампањи, емитување и реемитување на рекламни спотови во странство, како и за одредени граѓански организации.

Со ребалансот, истакна Заев, се обезбедуваат пари за субвенционирање на минималната плата, која треба да изнесува 12.000 денари. Оваа мерка ќе почне од 1 септември, а со неа ќе бидат опфатени 70.000 граѓани. Владата ќе субвенционира 70 отсто од минималната плата.

– Трајно ќе се реши и проблемот на стечајните работници, кои со години протестираа. Станува збор за околу 3.000 лица, кои ќе стекнат право на месечен надомест – рече Заев, кој не кажа колку ќе изнесува овој месечен надомест, но посочи дека сумата ќе биде приближна до таа што ја бараат стечајните работници.

Тој најави дека со ребалансот е предвидено и субвенционирање на годишни одмори за работниците со најниски месечни примања, пред сè од кожарската и од текстилната индустрија.

Околу 500 милиони денари, односно 9 милиони евра, се предвидени за поддршка на нови вработувања за младите, на кои ќе им биде понудено или вработување и дошколување или пракса, додека 135 милиони денари ќе бидат за поддршка на мали и на средни претпријатија.

– Со тоа ќе ги изедначиме домашните со странските инвестиции и ќе отвориме можности за домашни гринфилд-инвестиции – додаде Заев.

Проектираниот буџетски дефицит е 2,9 отсто од БДП, што е намалување од претходно проектираниот, кој беше 3,3 отсто од БДП.

Приходите од даноци во буџетот за годинава биле предвидени да се остваруваат со стапка од 8,9 отсто, а сега Министерството за финансии ги поставува на, како што рече Заев, реални 6,7 отсто.

Заев очекува ребалансот на буџетот да биде донесен пред празникот 2 Август – Илинден, доколку расправата и процедурите во Собранието поминат како што е предвидено во деловникот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...