Владата го осуди насилството, повика на разум и конструктивна атмосфера за дебата


       
Скопје, 18 јуни, 2018 - 16:10 (META) 

Владата најостро го осудува насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои имаат за цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните, соопштуваат од таму.

„Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот кој што следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите кои се шират преку социјалните мрежи“, се вели во соопштението на Влада.

Во него се додава дека „сега е моментот сите политички субјекти кои постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност.“

„Секој кој ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична, во согласност со кривичниот законик. Предизвикувањето немири и несигурност е единствената цел на структурите што стојат зад овие немири, а тоа е во целосна спротивност на интересите на нашите граѓани. Омразата и насилството се штетен концепт и не се избор на граѓаните. Граѓаните на нашата земја избраа иднина за сопствената безбедност, за економски развиена земја, eднаквa со другите во регионот и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Случувањата како оној на 27 април минатата година беа одлучно отфрлени од мнозинството граѓани“, се додава во соопштението.