Владата ги „наградува“ општините што неодговорно се задолжувале


       
Скопје, 8 ноември, 2018 - 10:20 (META) 

Одлуката на Владата за подмирување на половина од неизмирените обврски на општините со пари од државната каса е проблематична, бидејќи во суштина со парите на граѓаните се плаќа неодговорното работење на општинските власти, наместо тие пари да се искористат за нови проекти.  Додека властите велат дека ова е значајна поддршка за општините, експертите се спротивставуваат, велејќи дека со оваа мерка се дава порака дека се покриваат незаконските дејствија, неодговорното работење и недостатокот на отчетност, пишува „Порталб“.

За одлуката на централната власт, наместо за нови проекти кои ќе ја подобрат состојбата во патиштата, здравството, образованието, животната средина и другите области со витална важност за граѓаните, да се покриваат долговите, упатените во проблематиката велат дека најпрвин треба да се изврши анализа и проценка за тоа кој и како се задолжувал.

Експертите и граѓанските организации бараат прецизно да се посочат имињата на тие што се задолжувале.

– Стопанските субјекти се изложуваат на некоректно и дискриминирачко дејствување од државата. Се создаваат трговски девијации во пазарот на капитал. Ваквиот инструмент дава порака во насока на синдикализирање на расходувањата од неодговорното работење на избраните и именуваните функционери. Кога ќе се синдикализира трошењето од неосигурани ризици, се создава неодговорност (moral hazard). Во суштина, свесни дека ќе поминат неказнети за неодговорното работење со даночните средства на граѓаните, се создава ситуација на недостиг од каква било грижа за управување со ризици, во согласност со можностите и ресурсите на општините од страна на неодговорните градоначалници. Трошоците поради неодговорното работење во заробената држава паѓа на товар на тие кои не се виновни за неодговорност. Министерот да направи анализа во врска со тоа како се собирани долговите и да побара отчет, а за ова треба да се вклучи и Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство – велат од  Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Невладините организации сметаат дека одлуката на Владата да ги подмири долговите на општините не е исправна, затоа што не е направена анализа во врска со тоа кој и на каков начин ги создал долговите, а велат и дека оваа мерка е штетна за граѓаните бидејќи втор пат им се нанесуваат финансиски штети.

Бардил Јашари и Аиво Орав

– Оваа одлука, иако на прв поглед остава добар и позитивен впечаток, за мене е проблематична од неколку аспекти, но најмногу поради тоа што некој донесува одлука нашите пари (на граѓаните) да ги користи за покривање и на одреден начин и да ги награди лошите управители на општините. Исто така, без да се направат оценки за тоа на каков начин се направени долговите во општините, не може да се носи таква одлука, особено кога, само како пример, се знае дека по општините имаме повеќекратно поголем број на вработени отколку што имаат потреба, и дека ова несомнено предизвикува бескорисни трошоци, кои сега треба да се покријат со парите на граѓаните наместо тие средства да се искористат за проекти и суштински потреби за жителите, како училишта, болници, патна инфраструктура и т.н. Одлуката беше нетранспарентна и донесена без неопходни консултации со граѓаните и невладините организации. Барем да објавеа детали и рационални причини за една ваква одлука – вели директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Активистот Арианит Џафери од „Еко Герила“, бара на  оние што ги направиле долговите да им се конфискуваат имотите и парите потоа да се вратат кај граѓаните. Во спротивно, подмирувањето на долговите ќе биде бесмислено, вели тој.

Arianit

– Не е лошо што Владата планира да подмири половина од општинските долгови, но истовремено треба да се извршат ревизии и да се спроведат истраги за да се открие во какви околности се создадени тие долгови, од кои причини, односно кога и од кого, и да се повикаат на одговорност пред органите на правдата градоначалниците кои ги направиле тие долгови. Виновниците за создадените долгови треба да се казнат и да ги вратат парите сразмерно на висината на долгот, исто така преку конфискување на нивните приватни имоти, доколку е потребно. Граѓаните еднаш биле оштетени кога се создал долгот, сега по втор пат се оштетува нивниот личен буџет со нивно подмирување, додека виновниците продолжуваат да имаат слобода да злоупотребуваат уште повеќе во иднина. Ако не им се даде добра лекција, џабе ќе се подмират долговите, без разлика на нивниот износ – вели Џафери.

Операцијата за подмирување на долговите на општините официјално ќе започне со носењето на ребалансот на буџетот. Според објавените пресметки, ќе се доделат безмалку 50 милиони евра, со кои ќе треба да се покријат 51 отсто од долговите на општините. Вкупниот долг што го имаат пријавено локалните самоуправи, до крајот на месец септември, достигнува 81,3 милиони евра.

– Финансиската помош од 51 проценти од вкупниот износ е сериозна помош. На јасен начин создаваме механизам за спречување на акумулирање на долговите во иднина и јасно тврдиме по втор пат немаме намера да направиме вакво нешто и тоа нема да се случи. Сега има простор да се помогне, во овој момент го решаваме проблемот со долгот – рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Парите од централниот буџет кои ќе завршат во општинските сметки ќе бидат со стриктна намена и неповратни. Општините очекуваат од Владата да се дадат упатства за дејствување.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, најави дополнителни механизми за контрола на локално ниво со цел спречување на создавање на долгови.

– Како системско решение, општините не треба да влегуваат во нови долгови, предвиден е контролен механизам во член 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Имено, општините можат да ги планираат приходите најмногу до 10 отсто од просекот на нивните приходи за последните три години – вели Фазлиу.