На вчерашната 108 седница Владата ги усвои финалните текстови на амандманите на Уставот и веднаш ги испратила до Собранието.

Амандманот 33 гласи: „Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија“.

Со амандманот 34 се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи: „Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот 35, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Како резултат на јавната расправа,  измени има и во текстот на Амандманот 36 којшто сега гласи:
-Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;
– Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство;
– Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;
– Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, како и образложението за нив може да се видат тука.

На денешната седница Владата, исто така усвои и пакет закони предложени од Министерството за правда. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик опфаќаат ревидирање на одредбите  во  неколку  области, односно криминалот од омраза, неказнувањето  на  жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете жртва. Законот предвидува и воведување на ново кривично дело „Попречување на правдата“.

Усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, којшто е со ЕУ знаме, произлегува  од потребата за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Законот предвидува нови, заострени критериуми за избор на судија и редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорност на судиите.

Основната цел на Предлог-законот за Судски совет, којшто исто така е усвоен на вчерашната седница, е внесување на мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот,  на секои две години. Предлог-законот е во согласност со препораките на Венециската комисија и на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО), а со него се создава основа за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет. Новиот предлог-закон предвидува и потранспарентна постапка за избор на членовите на Судскиот совет и судиите, а покрај министерот, право на глас во Судскиот совет ќе нема ниту претседателот на Врховниот суд.

Последниот од вчерашниот пакет е Предлог-законот за прекршоци, со кој глобите за физички лица ќе бидат за 75 отсто помали во однос на сегашните, а за фирмите ќе се намалат за два и пол пати.