!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата денеска ќе расправа за програмата за членство во НАТО


       
Скопје, 5 декември, 2017 - 11:31 (META) 

На денешната седница, Владата ќе расправа за неколку важни прашања, меѓу кои предничат информацијата за реконструкцијата на пругата Куманово – Бељаковце од железничкиот коридор 8, како и за проекти на ЕЛЕМ кои не се во рамките на основната дејност на државниот производител на струја.

Од стратешките теми, на маса е и предлог-текстот на годишната Национална програма на Република Македонија за членство во НАТО за 2017-2018 година.

На предлог на Управата за хидрометереолошки работи, ќе се разговара за потребата за санација на метеоролошките станици во Демир Капија, Штип и во Крива Паланка и за поправка на радарскиот систем „Ѓуриште“.

На дневниот ред е и предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство на Советот на Европа.

Министрите денеска ќе ја разгледаат и одлуката за утврдување на цената на годишната претплата на „Службен весник на Република Македонија“ и за годишната претплата на Регистарот на прописи на Република Македонија за 2018 година.

Ќе се разговара и за превентивни прегледи на социјално ранливи категории на граѓани, како и за предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за заштита на културното наследство.