Владата денеска ќе ги разгледува законите за ОТА и за следење на комуникации


       
Скопје, 26 декември, 2017 - 12:38 (META) 

Владата на денешната седница, закажана во 14 часот ќе ги разгледува предлог-законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Со новите закони, следењето на комуникациите ќе се врши преку новата независна институција ОТА, а не како што беше досега преку Управата за безбедност и контраразузнавање. ОТА ќе го активира сигналот и „ќе им овозможува на органите овластени за следење на комуникациите (УБК, Министерството за одбрана, МВР, Јавното обвинителство, Царинската управа, Финансиската полиција) пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите“.

Новиот Закон за следење на комуникациите, покрај функционирањето на ОТА, треба да обезбеди поголема контрола и надзор над работата на безбедносните службите и системот за следење на комуникациите.

На денешната седница се очекува Владата да ги усвои предложените закони и да ги достави во Собранието на гласање.

На оваа 45.седница на владата ќе бидат разгледани и измените на законите за електронски комуникации и за класифицирани информации, кои се прават заради нивно усогласување со новите закони за ОТА и за следење на комуникациите.

Министрите денеска ќе ги разгледуваат и законските решенија за Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител. Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно гонење и санкционирање на случаи на полициска бруталност.

Имено, предложените измени на Законот за јавно обвинителство предвидуваат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира посебно одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

На денешната седница, владата ќе ја разгледа и предлог-одлукатa за усвојување на годишната програма за работа на „Македонска радио-телевизија“ за 2018 година и предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година на МРТВ.