Владата бара комплетирање на документацијата за рудникот Иловица


       
Скопје, 11 април, 2018 - 9:33 (META) 

Владата на 63. седница ја разгледа и усвои информацијата во врска со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Македонија и Министерството за енергетика на Бугарија во областа на енергетиката и го прифати усогласениот текст на овој меморандум.

„Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги. На седницата е констатирано дека овој меморандум, кој овозможува поволни околности, е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика, како и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија“,  се вели во соопштението на Владата.

Владата на оваа седница го задолжи Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од концесионерот „Еуромакс“, за експлоатација на минерални суровини бакар и злато на локалитетот Иловица, се бара комплетирање на документацијата.

„За оваа своја иницијатива Владата се повикува на известувањето на Министерството за економија од 2016 година до „Еуромакс“ во кое се бара од концесионерот, до одреден период, да ја комплетира документацијата како обврска од договорот за концесија, и го информира дека, меѓу другото, не се доставени доказ за решени имотно-правни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатацијата, како и решението за одобрување на студијата за оцена на влијанието на животната средина, а направени се и други повреди на договорот. Согласно договорот за концесија, неподнесувањето на само овие два документа се доволни за да отпочне постапката за преиспитување на почитувањето на договорот, и затоа Владата на денешната седница го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да достави информација дали во меѓувреме е комплетирана документацијата, по што ќе биде донесен соодветен заклучок“, се додава во соопштението.